ПРЕМИЕРА НА „ГОДО“ ВО РЕЖИЈА НА РИЗЕСКИ НА ШТИПСКО КУЛТУРНО ЛЕТО

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска (15 јули) од 20 часот, на големата сцена на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип ќе биде изведена претставата „Годо“, инспирирана од култното дело „Чекајќи го Годо“ на ирскиот драматург, поет и романописец Семјуел Бекет. Режисер е Ѓорѓи Ризески. Таа е дел од содржините на Штипско културно лето.

Во претставата играат Ефтим Трајчов Ѓаурски, Марко Трајковиќ, Жарко Спасовски, Марија Бреслиска и Јоана Панзова. Концептот предвидува и публиката да биде сместена на сцената заедно со актерите. Влезот е бесплатен, како и за сите останати програмски содржини на Штипско културно лето.

Автор на музиката, која ќе се изведува во живо, е Сашко Костов. Сценографијата е на Филип Коруновски, костимограф е Моника Гачева, кореограф Саниа Русеска, а шминката на Андријана Андреева.

Директорот на Центарот за култура, Пеце Ристевски, вели дека претставата „Годо“ е копродукциски проект на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, ЦК „Трајко Прокопиев“ од Куманово и ЦК „Ацо Шопов“ од Штип.

„Од септември, претставата ќе се игра и во театрите во Велес и Куманово, а ќе биде вклучена и во редовниот репертоар на Народниот театар во Штип“, вели Ристевски.

Т. ЈОВАНОВСКИ