Македонскиот квартет тромбони „Макбрас“ ќе настапи на Меѓународниот фестивал на тромбонот кој ќе се одржува од 29 јули до 1 август во Рига, Латвија.
„Македонија за првпат ќе има свои претставници на овој реномиран светски фестивал, кој повеќе од педесет години ги собира најдобрите тромбонисти, ансамбли и професори од целиот свет“, велат од „Макбрас“.
Квартетот „Макбрас“, кој годинава одбележува 10 години постоење, го сочинуваат Бранко Илиевски, Никола Ристевски, Виктор Богоевски и Александар Ниниќ.
Македонските музичари беа избрани по успешна меѓународна селекција со композицијата „Вулканска суита“ од Блажен Настевски и Хектор Муњоз, специјално напишана за ансамблот. На фестивалот, тие ќе свират и дела од македонски автори, со цел пред светската публика да ги претстават македонската музичка традиција и современото творештво.
Музичарите велат дека учеството во најголем дел ќе биде финансирано со сопствени средства, и поддршка од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а во наредниот период ќе организираат и концерти во Скопје за обезбедување дополнителни средства.