КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР НА МУЗИЧКАТА МЛАДИНА НА МАКЕДОНИЈА „САША НИКОЛОВСКИ – ЃУМАР“ НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија (МММ) „Саша Николовски – Ѓумар“ вечерва (28 јули) ќе настапи на 66. издание на фестивалот Охридско лето.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин од 21 часот, а ќе диригира Иван Еминовиќ (фото).

Годинава Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија  одбележува 40 години од постоењето. Основан е како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во 1986 година во Охрид, и оттогаш повеќе од 400 млади музичари биле дел од овој состав. Диригенти и уметнички раководители биле Фимчо Муратовски, Горјан Коруновски, Саша Николовски – Ѓумар, Мирослав Спасов, Борјан Цанев, Бисера Чадловска, Арилд Ремерајт, Олег Кондратенко, Миша Кац, Џанлука Мартиненги, Елена Митревска и Иван Еминовиќ.

Веќе 40 години завршниот концерт на летната сесија на оркестарот е дел од програмата на Охридско лето, а во последните години и на фестивалите Скопско лето и Битолско лето.

Од 2018 година, оркестарот го носи името на диригентот Саша Николовски – Ѓумар кој почина во 2017.