ПРЕТСТАВАТА „УНА“ ОД БЕЛГРАД СО НИКОЛА РИСТАНОВСКИ ВО ГЛАВНАТА УЛОГА ЌЕ ГОСТУВА ВО МНТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 9 септември, во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе гостува наградуваната претстава „Уна“ на белградскиот Звездара театар, во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски. Главната улога ја игра Никола Ристановски, првенец на МНТ, кој изминативе години често соработува со театрите во регионот.

Претставата е работена според драмскиот текст на Стеван Копривица, инспириран од романот „Уна“ на Момо Капор, и раскажува емотивна приказна за професор кој, низ средбата со младата Уна, се соочува со љубовта, сеќавањата, минливоста и животните избори.

Покрај Ристановски, во актерската екипа се Магдалена Мијатовиќ, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо.

„Уна“ е добитник на повеќе награди на регионални фестивали.

 Ристановски е добитник на наградите „Зоранов брк“ и наградата за најдобро актерско остварување на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Заечар, како и наградите за најдобар актер на Актерските свечености „Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац и на фестивалот „Театар фест Петар Кочиќ“ во Бања Лука. Претставата, пак, ја освои наградата од публиката на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“, како и наградите за најдобра претстава и наградата од публиката на Фестивалот „Театар во еден чин“ во Младеновац.

Билетите за претставата се достапни преку страницата на МНТ.

 

Фото: Центар за култура Тиват