Репертоарот на класична музика на годинешното 66. Охридско лето вечерва (30 јули) продолжува со квартетот „Хермес“ од Франција.
Концертот што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин од 21 часот, е во рамки на традиционалната Француска вечер на фестивалот која се одржува со поддршка од Амбасадата на Франција и Францускиот Институт од Скопје.
Ќе настапат Омер Буше и Елисе Лиу на виолина, Лоу Јунг Хсин Чанг на виола и Јан Левионоа на виолончело.
Квартетот досега свирел во „Карнеги хол“ во Њујорк, Забранетиот град во Пекинг, „Вигмор хол“ во Лондон, и на повеќе меѓународни фестивали. Формиран во 2008 година на Конзерваториумот во Лион, каде студирале со членовите на квартетот „Равел“.
Победници се на бројни натпревари, меѓу кои Меѓународниот натпревар во Женева, аудициите за млади музичари во Њујорк и други. Биле резидентен квартет во Капелата за музика „Кралица Елизабета“ во Брисел од 2012 до 2016 година, а се квартет поддржан од Фондацијата „Сигнер-Полињак“ од 2019 година.