Една од најголемите светски поп-ѕвезди, Рита Ора, вчера (1 август) првпат настапи во Охрид, на концерт на стадионот „Билјанини Извори“.
Со впечатлив сценски настап, танчари и моќни светлосни ефекти, таа приреди незаборавна вечер. Концертот го организираше продукцијата „Прагма“, а илјадници фанови од Македонија и од соседните земји ја пречекаа со овации.

Вечерта ја отвори младата поп-пејачка Мартија Станојковиќ со богат сценски настап со танчари. Потоа настапи хип-хоп дуото „2Бона“, кое со своите најпознати песни ја загреа атмосферата.

По нив на сцената излезе словенечката трап-ѕвезда Сенидах, која е една од најбараните регионални пејачки.

Кога на сцената се појави Рита Ора, публиката ја пречека со гласен аплауз и овации. Облечена во впечатлив сценски костим, со танчари кои ја следеа во текот на целиот настап, таа приреди шоу рамно на најголемите светски фестивали. Видеопроекциите на големите ЛЕД-екрани и внимателно осмислената сценографија направија светска продукција, а секоја промена на ритамот беше проследена со нова кореографија и силни реакции од публиката.
Фановите постојано ги држеа телефоните високо во воздух, снимајќи го секој момент од нејзиниот прв концерт во Охрид.

„Драго ми е што се вратив на Балканот. Ова ми е првпат во Охрид, но секако нема да биде последен“, рече пејачката со косовско потекло, која е израсната во Лондон.
Ора ги испеа своите најголеми светски хитови, меѓу кои „Anywhere“, „Your Song“, „Let You Love Me“, „For You“ и други, а атмосферата беше весела до крајот.
С. ВРЕНЦОВСКА