Денеска и утре (14 и 15 август) во Битола се одржува првото издание на фестивалот Битолски чалгиски денови, како дел од програмата на Битолско културно лето, Бит фест, во организација на Културно-информативниот центар од Битола. Фестивалот има за цел да ја врати чалгијата во автентичниот градски амбиент и да го доближи ова музичко наследство до новите генерации.
Програмата започна во Офицерскиот дом со семинарот „Канон – Чалгиска музика“, под менторство на Филип Михајловски. Во 18 часот на Широк Сокак ќе има пајтонско дефиле, а вечерната програма ќе се одржи во Старата чаршија кај „Монмартр“.
Од 20:30 часот ќе настапат Чапче и „Тајфата“, од 21:30 часот Филип Шурбевски и „Езгија квартет“, а од 22:30 часот „Мерак чалгии“, Димитар Андоновски и Бојан Стојков.
Утре програмата продолжува во Старата чаршија, каде од 20:30 часот повторно ќе настапат Чапче и „Тајфата“, а од 22 часот „Љубојна“ (фото) и Битолскиот чалгиски оркестар.
Битолски чалгиски денови е замислен како нова фестивалска традиција посветена на чалгијата, музиката која е нераскинлив дел од културното наследство и градскиот дух на Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА