НАД 3.000 ТАНЧАРИ ОД 26 ЗЕМЈИ НА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ТАНЦ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од 21 до 29 септември во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи Европското првенство ИДО 2026 во класичен балет, џез, модерен и современ танц. На натпреварувањето ќе учествуваат повеќе од 3.000 танчари од 26 европски земји.

Во пресрет на првенството е објавено промотивно видео со Стефанија Гаштарска (фото), првата македонска балерина која настапила на сцената на Бољшој театар во Москва. Видеото го спојува класичниот балет со македонската традиција и фолклор.

Продуцент е Трајче Петковски, снимател е Ненад Смиљковиќ, а музиката е на Александар Јовевски.

„Пресреќни сме што Скопје повторно ќе биде центар на европската танцова сцена и што ќе пречекаме повеќе од 3.000 врвни танчери од 26 европски земји. Особено ни е важно што преку овој настан ја промовираме македонската традиција“, велат организаторите, Трајче и Андријана Петковски од танцовото студио „Брејк а лег“.

Македонија во 2024 беше домаќин и на Светското првенство во хип-хоп.