АНА ПЕТАН ЌЕ ПЕЕ НА ФЕСТИВАЛОТ ДАЛМАТИНСКА ШАНСОНА ВО ШИБЕНИК И ЌЕ ГО ПРОМОВИРА НОВИОТ АЛБУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ана Петановска ќе биде единствената претставничка од Македонија на фестивалот Далматинската шансона во Шибеник, Хрватска, кој ќе се одржи на 22 август. Таа ќе ја испее новата песна „Твоја сум јас“.

Музиката и текстот се на Григор Копров, а аранжманот е на Стефан Петановски. На фестивалската вечер ќе бидат промовирани 25 нови песни, а меѓу учесниците се и Ибрица Јусиќ, Ѓани Стипаничев, Иво Патиера, Марко Кутлиќ и Дино Петриќ.

Настапот во Шибеник доаѓа во период кога Ана Петан го претставува и својот прв студиски албум „Само љубовта постои“, објавен за хрватската издавачка куќа „Кроација рекордс“. Промоцијата на албумот ќе се одржи во рамките на фестивалот, во организација на издавачката куќа.

На албумот има десет песни, меѓу кои е „Љубовта секогаш победува“, со која Петан ја освои наградата за најдобра интерпретација на фестивалот Бисер на Јадранот во Тиват, Црна Гора. На изданието се и хрватските верзии на песните „Балада за ангелот“ и „Со тебе до ѕвездите“, како и дуетот „Небо“ со Дадо Топиќ, кој е автор на текстот.

Во 2025, на истиот фестивал во Шибеник, Петановска, која настапува под уметничкото име Ана Петан, ја испеа песната „Само љубовта постои“ и ја освои наградата за најдобра интерпретација.

Како автори на песните на албумот, покрај Григор Копров и Стефан Петановски, се и Душан Бачиќ и Роберт Пилепиќ.

Фото: К.Попов