„ФОЛТИН“ ОДРЖА СЛУШАЧКА ПРОМОЦИЈА НА ДВОЈНАТА ПЛОЧА ВО ОХРИД, НА 26 АВГУСТ СЕ ВО БИТОЛА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Групата „Фолтин“, која годинава одбележува триесет години, во Охрид го промовираше двојниот винил „Фолтин во живо“, во пресрет на јубилејниот концерт на 29 август во Хераклеја во Битола.

Во Културниот центар „Култ“ во Охрид се одржа слушачка промоција на изданието. Промоцијата продолжи и на винил саемот „Охрид 33/45“, каде посетителите можеа да го набават лимитираното издание. Од винилот се изработени 150 рачно нумерирани и потпишани примероци.

Плочата има 15 песни, меѓу кои и три снимки од концертот во Филхармонијата во ноември 2025.

Новата плоча и меѓународните настапи се дел од активностите до крајот на годината, најавија членовите на бендот.

Следното преслушување е на 26 август во Битола, во Галеријата „Божиновски часовници и накит“.

Централниот настан од одбележувањето на јубилејот ќе биде на 29 август во Хераклеја, каде „Фолтин“ со голем концерт ќе прослави 30 години од својот прв концерт и ќе го затвори Битфест 2026. Во ноември е планиран концерт во Скопје.

„Албумот го снимаме во студио и е правен комплетно со аудиофилска опрема и нема никакви компресии, нема никакви пеглања на звукот, за да биде максимално доловена онаа ‘лајв’ атмосфера. Кога ќе ја слушаме плочата, максимално да може да нè воведе во тоа да личи дека е свирено во живо. Користевме старинска лента од 1980-тите и плочата можеби се слуша тивко, не грми сè од сите страни“, рекоа од  „Фолтин“ на прес-конференција во Скопје во јуни.

Билетите се достапни преку „МК Тикетс“ и „Тобако Брадерс Битола“.