Во Велес се одржува осмата Стрип колонија, која годинава е единствена по тоа што сите 14 учесници се девојки. Покрај авторки од Македонија, учествуваат две од Бугарија, три од Романија и по една од Србија и Хрватска. Ментор е стрип авторот Владимир Весовиќ од Србија.
Колонијата се одржува во Куќата на Касапови и трае до утре (23 август). Учесничките изработуваат по една насловна страница и краток стрип од две до три страници, на слободна тема.
„Имаше голем интерес за нашата стрип колонија, бидејќи е една од малкуте во регионот. Системот беше кој прв ќе се пријави, тој ќе учествува, па моравме да одбиеме и неколку од Србија и Хрватска. Учесничките работат на слободна тема, бидејќи тогаш авторите се најкреативни“, вели Ване Трајков, претседател на Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес, организатор на колонијата.
Делата ќе бидат изложени на следниот Стрип салон во Велес, а најуспешните ќе бидат објавени во списанието „Стрип креатор“ следната година.
Трајков вели дека интересот за стрипот се намалил со дигитализацијата и развојот на електронските медиуми, но верува дека оваа уметност нема да исчезне.
„И денес има ентузијасти, стрип вљубеници и стрип цртачи. За жал, стрипот го нема многу во печатена форма, но нема да исчезне сè додека има вакви вљубеници, како младите девојки на колонијата“, вели Трајков.
П. ПЕЧКОВ