Аријана Гранде ја заврши турнејата „Вечна светлина“ со концертот во Лондон и најави дека се повлекува од јавноста на неодредено време. Пејачката неколкупати беше на раб на солзи, а особено емотивна беше додека ја пееше „One Last Time“, песната која доби посебно значење по терористичкиот напад на нејзиниот концерт во Манчестер во 2017.
На крајот од концертот, 33-годишната пејачка им се заблагодари на обожавателите.
„Ова беше едно од најубавите и најневеројатни искуства во мојот живот и сакам да ја изразам мојата благодарност без целосно да се расплачам. Ќе го чувам ова искуство засекогаш“, рече Гранде.
Минатиот месец таа објави дека ќе се повлече од јавноста по бројните коментари и шпекулации за нејзините здравје и изглед. Гранде се повлече и од мјузиклот „Недела во паркот со Џорџ“, во кој требаше да игра со нејзиниот колега од хит-филмот „Злобница“, Џонатан Бејли, следното лето во Лондон. И Бејли се повлече од продукцијата.
Гранде претходно им порача на загрижените обожаватели дека одлуката за пауза била донесена одамна и дека не е резултат на негативните коментари. Таа кажа и дека можеби нема повторно да оди на турнеја „многу, многу долго време“.