Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ ќе одржи два концерта во Велика Британија, на 16 септември во Лондон и на 18 септември во Оксфорд. Ова се случува 76 години по историскиот настап на ансамблот на Меѓународниот фестивал во Ланголен во 1950 година, што беше негово прво претставување надвор од земјата.
На концертите, „Танец“ ќе се претстави со програма составена од македонски традиционални ора и вокално-инструментални дела. Најавени се изведби на „Тешкото“ и „Драчевка“, како и на други дела од богатиот репертоар на ансамблот, во придружба на традиционални инструменти и со автентични народни носии.
„Искрите што беа запалени во Ланголен во 1950 година, кога македонското ‘Тешкото’ се запечати во срцето на Велика Британија, никогаш не згаснаа. Нашето враќање во Лондон и Оксфорд по точно 76 години не е само симболично затворање на еден голем културен круг, туку и горда потврда дека ‘Танец’ останува живиот чувар и светски амбасадор на македонските идентитет и традиција“, велат од ансамблот.
Настапот во Ланголен има посебно место во историјата на „Танец“. Таму ја освоил првата награда, а изведбата на „Тешкото“ со звуците на зурлата и тапанот привлекла големо внимание кај британската публика и критика.