АЛЕКСАНДАР СТЕПАНУЛЕСКИ Е ЛАУРЕАТ НА ФЕСТИВАЛОТ „РИСТО ШИШКОВ“ ВО СТРУМИЦА

Струмица, (СМАРТ СДК.МК)

Александар Степанулески ја доби наградата за највисоко актерско остварување на годинашното издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Тој е награден за улогата на Луков во претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски и во изведба на Прилепскиот народен театар.

Одлуката ја донесе жири-комисијата во состав Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Биљана Ѓуровиќ и Иван Додовски.

„Степанулески го гради Луков како фигура на привидна неприкосновена моќ, која постепено се распаѓа и ги открива стравот, зависноста и моралната разграденост на ликот. Со силно сценско присуство, прецизни промени на актерските регистри и уверлива игра на авторитетот и неговото нарушување, тој ја разоткрива сложената противречност на човекот што манипулира, заплашува и организира политичко убиство, а истовремено останува заробеник на системот на кој му служи“, стои во образложението на жирито.

Наградата се состои од златен медалјон со ликот на Ристо Шишков и паричен износ од 1.500 евра, а му ја врачи директорот на фестивалот, Ванчо Ристов. Степанулески рече дека не ја очекувал наградата.

„Ние уживавме на сцената кога ја игравме претставата. ‘Ристо Шишков’ за мене е еден од двата најголеми фестивали во земјава. Изненаден сум од наградата. Таа за мене е признание што секој актер го посакува“, кажа Степанулески.

На годинашното издание на ФКТ „Ристо Шишков“ беа одиграни 10 претстави, а за единствената актерска награда конкурираа околу 40 актери.

В. ТРАЈКОВ