Концертот „За љубовта“, предводен од романската виолинистка Ирина Муресану, ќе се одржи денеска (16 септември) од 21 часот во Музејот на современата уметност во Скопје, како завршен концерт од шестдневната програма на Институтот „Фејмс“.
Вечерта е посветена на љубовта како една од најголемите теми во уметноста, претставена преку дела на четворица композитори од различни епохи и стилови. На програмата се „Романсата“ на Ејми Бич, „Echorus“ на Филип Глас, „Кармен фантазијата“ на Пабло де Сарасате и „Преобразена ноќ“ на Арнолд Шенберг.
Муресану е родена во Романија, а настапувала во САД, Канада, Европа, Азија и Јужна Африка.
Во рамките на шестдневната програма, млади класични музичари од цела Европа престојуваат во Скопје и работат со Муресану преку интензивни проби, предавања и работа во групи.