Тамара Тодевска денеска (28 септември) во „Аудиокултура“ во Скопје организираше преслушување на винилното издание на новиот албум „Кукла жива“, во присуство на пријатели, соработници и медиуми.
Поп-пејачката рече дека за неа било посебно чувството за првпат да го слушне албумот на плоча и се потсети како започнала приказната за проектот, на кој се работело речиси една година.
„Имаме 10 песни, 10 нови приказни, кои ги издадовме на почетокот на месецот. Сите се достапни на музичките платформи, а спотовите се на мојот канал на Јутјуб. Денеска за првпат го слушнавме албумот на плоча. Сѐ почна од една приказна, а приказната почна од Коста Петров, кога еден ден ми ја пушти ‘Кукла жива’ да ја слушнам. Тогаш знаев дека се подготвува нешто големо. Многу сум задоволна, среќна и спокојна како заврши целиот процес. Беше турбулентно и работевме речиси една година“, рече Тодевска и додаде дека албумот може да се нарача преку нејзината страница tamaratodevska.com.
„Кукла жива“ беше објавен на 3 септември. Песните ги потпишуваат Тодевска и Коста Петров, а аранжманите и музичката продукција се на Џијан Емин. На проектот учествуваа повеќе од 60 музичари, а албумот е снимен со живи инструменти и хор.
Следниот голем настан на Тодевска е солистичкиот концерт „25 години љубов“, кој ќе се одржи на 7 декември во „Т арената“ во Скопје. Музичарите ќе бидат предводени од Џијан Емин.
„Следното наше заедничко дружење ќе биде на 7 декември на мојот голем концерт, каде што ќе слушнеме дел од ‘Кукла жива’ и најголемите хитови од последниве 25 години“, рече Тамара.
М. ЏАРОВСКА