ЏОН ИЛИЈА АПЕЛГРЕН СО ЈУБИЛЕЕН КОНЦЕРТ ЗА 40 ГОДИНИ КАРИЕРА ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Џез пејачот Џон Илија Апелгрен ќе одржи јубилеен концерт „40 лета музика“ на 31 октомври од 20 часот во Македонскиот народен театар, со кој ќе одбележи 40 години музичка кариера.

Концертот ќе биде ретроспектива на неговото творештво, од почетоците со рок-групата „Деус“ во 1984 и настапите на Макфест, до концертите „Музичка прошетка“. На програмата ќе има песни на француски, португалски и шпански јазик, дела од Драган Ѓаконовски-Шпато и џез-стандарди од репертоарот на Френк Синатра.

Апелгрен премиерно ќе изведе и свои авторски композиции, како и песни напишани специјално за него од џез-пијанистот, композитор и аранжер Гордан Спасовски, кој ги подготвува и аранжманите за концертот.

Апелгрен ќе настапи со џез-комбо и гудачки квартет, а специјален гостин ќе биде контрабасистот Мартин Ѓаконовски, со кого соработувал во џез-составот „М2“.