„ФОЛТИН“ ГО ЗАОКРУЖИ ПРОЕКТОТ „РЕ“ СО 16 НОВИ ВЕРЗИИ НА СВОИТЕ ПЕСНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Битолската група „Фолтин“ го заокружи музичкиот проект „FOLTIN RE“, во кој 16 нејзини песни добија нови интерпретации од музичари од Македонија и регионот. Последната преработка е дело на Котарашки, музички продуцент од Софија, кој повеќепати изјавил дека токму музиката на „Фолтин“ го инспирирала да почне да создава музика.

Во проектот учествуваа Дина Јашари, Горан Трајкоски, „Хот џез оркестра“, „Луфтанза“, „Некст ту сајленс“, „Паркети“, Васил Хаџиманов, Крсте Роџевски, Каролина Гочева, Дуке Бојаџиев, „Љубојна“, „Суперхикс“ и други музичари и состави.

„‘FOLTIN RE‘ е роденденски подарок што го споделивме со сите вас. Шеснаесет наши композиции добија шеснаесет нови музички животи. Не баравме нашите песни да звучат како ‘Фолтин‘. Сакавме да слушнеме како звучат кога ќе поминат низ некој друг“, велат од групата.

Сите композиции се објавени под етикетата на домашната издавачка куќа „Филтер лејбл“. во соработка со „Пасворд продукција“. Проектот следната година ќе добие и винилно издание. Визуелниот идентитет е дело на дизајнерот Зоран Кардула.