Со концертите на „Сао Пауло андреграунд“ и квинтетот на Винсент Пеирани, вечерва се затвора 45. издание на Скопскиот џез фестивал.
Во 20 часот на сцената на Националната опера и балет (НОБ) ќе настапи „Сао Пауло андреграунд“, одбележувајќи 20 години храбро музичко истражување и продолжувајќи да ги редефинира можностите на електро-aкустичната композиција, спонтаното компонирање и звучната инвенција. Формиран во Сао Пауло во 2005 година од Роб Мазурек и Маурисио Такара, ансамблот дебитира подоцна истата година во Шпанија, а својата прва снимка ја објавува на бразилската издавачка куќа „Сабмарин рекордс“(Submarine Records), означувајќи го почетокот на едно од најпрепознатливите креативни партнерства во современата музика.Со приклучувањето на Гилерме Гранадо, групата прераснува во уникатно трио чија музика ги обединува бразилските ритмички традиции, електронското експериментирање, импровизацијата и имензивните вучни светови во колективен музички јазик што постојано се развива. Меѓу поновите проекти се и нарачаните аудиовизуелни дела за Џезфест Берлин, со кои групата ја проширува својата уметничка практика надвор од концертната сцена, навлегувајќи во областа на подвижната слика и интердисциплинарниот перформанс. Влегувајќи во својата трета декада, „Сао Пауло андреграунд“ и понатаму останува посветена на истражувањето и откривањето.
Во 22 часот е концертот на квинтетот на Винсент Пеирани, музичар кој целосно го обнови јазикот на хармониката. Започнал да изучува класична хармоника и кларинет, пред да го открие светот на џезот и слободната импровизација. На хармониката ѝ пристапува како на оркестарски инструмент, користејќи ги нејзините долготрајни тонови, динамиката налик на дишење, необичните хармонии и богатите звучни можности за создавање атмосферска, понекогаш речиси кинематографска музика. Иако често соработува со различни музичари, една од неговите најзначајни музички соработки е со саксофонистот Емил Паризиен, со кого настапува повеќе од една деценија, како дуо и во различни состави. Со повеќе албуми и проекти зад себе, најјасно духот на Пеирани како композитор доаѓа до израз во „Живо битие“ (Living Being), квинтетот кој создава простор за колективно истражување. Проектот се потпира на џез, рок, современа композиција и различни музички традиции, но не припаѓа целосно на ниту една од нив. Најновото поглавје на квинтетот, „Living Being IV: Time Reflections“, продолжува да го истражува овој терен, обединувајќи оригинални композиции со нови интерпретации на материјал од толку различни автори и музичари како „Портисхед“, Дејвид Боуви и „Битлс“.