ИГОР ЏАМБАЗОВ, РИСТО САМАРЏИЕВ, БОЈАНА СКЕНДЕРОВСКИ И ЗОРАН ИЛИЕВ ГОСТИ НА ЈУБИЛЕЈНИОТ КОНЦЕРТ НА КОКИ ЈАНКОВ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Ристо Самарџиев, Бојана Скендеровски, Зоран Илиев и Игор Џамбазов ќе бидат гости на јубилејниот концерт на виолинистот Никола Јанков-Коки, „30 години Виолина и гитара“, кој ќе се одржи на 14 ноември во Филхармонијата во Скопје. Концертот е по повод 30 години од победата на Дуле и Коки на Макфест со песната „Виолина и гитара“.

„Неверојатно е дека поминаа 30 години од тој Макфест, кога Дуле и јас како тотални анонимуси победивме на фестивалот со кој пораснавме како деца родени во Штип. На концертот ќе ги пееме сите песни кои некогаш ги испеа Дуле и кои секогаш ги пеевме во еден глас со публиката на сите наши настапи“, рече Јанков.

Јанков годинава го промовираше и двојниот албум „Навикни на промени“, со 20 нови верзии на песни од репертоарот на Дуле и Коки.

На концертот ќе настапат и музичарите Дамир Имери, Ратко Даутовски, Мишел Трајковски, Борче Ѓоргиев, Мартин Овен и Матеј Темелков, како и Ана Костадиновска како придружен вокал.

Билетите се во продажба преку мрежата на „Купи карта“.