Седумдесет и едногодишниот режисер со 35-годишна светска кариера, Паоло Маџели од Италија, во Македонскиот народен театар (МНТ) три месеци работи на претставата „Еден месец на село“ од рускиот класик Иван Сергеевич Тургењев.
Првично мислел да ја работи „Три сестри“ од Чехов.
„Од една страна, градот диктира, суфлира нешто. Од средбите и дружењата со старите пријатели ми се причини дека градот е некако депресивен, гледам дека луѓето не се баш во најдобра форма. Па си реков, зошто да одам со ‘Три сестри’ и уште повеќе да ги вовлечам луѓето надолу. Решив да одам со нешто што има врска со Чехов, кое е тажно, но во исто време откачено, трагично, а комично“, вели Маџели.
Во претставата играат: Катерина Коцевска, Ѓорѓи Јолевски, Сашка Димитровска, Дарја Ризова, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Ристановски, Стефан Спасов, Нино Леви, Сашко Коцев, Дамјан Цветановски и Ана Стојановска.
Сценографијата и костимите се на Лоренцо Банчи од Италија и на Мануела Паладин од Хрватска. Музиката ја работи Љупчо Константинов. Премиерата се најавува за крајот на септември.
Б. НЕСТОРОСКА