Со девет авторски колекции, моден перформанс и панел-дискусија, вчера (1 ноември) во Музејот на современата уметност во Скопје заврши 33. издание на Моден викенд Скопје.
Завршниот ден започна со панелот „Стереотипите и социјалните медиуми“, посветен на самоизразувањето преку облеката, по што следуваше модниот перформанс „Модни икони- редизајнирани: Носи ја својата приказна“.

Ревискиот дел започна со колекциите на пет дизајнери од Интернационалниот моден институт „Изет Цури“. Биљана Шкортова ја претстави „Потпис 2026“, Северџан Елези „Инспирација на патот“, Ренеа Кика „Божица“, Славица Симеуновиќ „Прекинување на линијата“, а Хурија Рамадани „Етерично расцутување“.

Во вечерната програма, Стефанија Насеска ја претстави колекцијата „Носталгија“, инспирирана од старите охридски куќи, а Софија Петрова дебитираше со „Петрова“ и колекцијата „Последниот дипломат“. Катерина Мато ја промовираше колекцијата „Родерна“, инспирирана од архитектурата на Рим.

Завршната ревија ѝ припадна на Олгица Ѓоргиева со колекцијата „Кинцуги“, инспирирана од јапонската филозофија за убавината на несовршенството и античките мозаици.
Годинашното издание на Моден викенд Скопје траеше три дена и ги поврза современата мода, уметноста и културното наследство.
М. ЏАРОВСКА