ИЗЛОЖБА ЗА 63 ГОДИНИ МАКЕДОНСКА РОК МУЗИКА НА 20 НОЕМВРИ ВО КОЧАНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Изложбата „Македонска рок меморија 1963-2026“, посветена на 63 години македонски рок и современа музика, ќе биде отворена на 20 ноември во 20 часот во НУЦК „Бели мугри“ во Кочани.

Под насловот „Културно наследство од подрумите“, изложбата ќе претстави оригинални артефакти, плакати, музички инструменти, касети, фотографии, фанзини, документи и аудиовизуелни материјали кои ја раскажуваат историјата на македонската рок-сцена од 1963 година до денес.

Настанот е поврзан со долгогодишната работа на музичкиот хроничар, публицист и архивист Тошо Филиповски, автор на „Македонска рок енциклопедија“, кој со децении собира и документира материјали од домашната музичка сцена. Неговата работа е посветена на зачувувањето на музичкото наследство и неговото пренесување на идните генерации.

Посетителите ќе имаат можност да се потсетат на музичкото наследство на култни македонски групи, меѓу кои „Мизар“, „Леб и сол“, „Суперхикс“, „Падот на Византија“, „Бернајс пропаганда“, „Конкорд“ и „Триангл“.

Во рамките на настанот, првпат јавно ќе биде претставена и националната дигитална архива на македонската рок и современа музика, која опфаќа информации за бендови, дискографија, концерти, фотографии, видеа, документи и други материјали.