КРАТКИОТ ФИЛМ „НЕМИ ФИЛМОВИ“ НА ГОСПОДИНОВСКИ ОСВОИ ГРАН ПРИ ЗА АНИМАЦИЈА НА ФЕСТИВАЛ ВО АЛЖИР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Краткометражниот анимиран филм „Неми филмови“ на режисерот Крсте Господиновски освои Гран при за анимација на Меѓународниот фестивал на краток филм во Тимимун, Алжир.

Претходно, на меѓународниот фестивал за анимација КРАФТ во Јогџакарта, Индонезија, филмот доби специјално признание за најдобра кинематографија. „Неми Филмови“ доби и специјално признание во натпреварувачката програма „Мајстори“ на Светскиот фестивал на Приманима, кој се одржа во октомври во Будаерш, Унгарија.

„Неми филмови“ е приказна за созревањето на едно момче во мал киносалон на крајот од ерата на немиот филм, каде што неговиот татко, некогашна филмска ѕвезда, се обидува да ја зачува старата слава прикажувајќи исклучиво неми филмови. Раскажан во еден непрекинат кадар, филмот ги истражува односот помеѓу таткото и синот, приврзаноста кон минатото и неизбежноста на промените, стои во најавата за филмот.