Кристијано Роналдо беше еден од помалку забележителните играчи во вчерашното финале на Лигата на шампионите против Ливерпул, што Реал Мадрид го доби со 3:1, пред сѐ, благодарение на големите киксови на голманот Лорис Кариус.
Иако не постигна гол, Роналдо беше пресреќен со освојувањето на својата петта европска титула, од кои една со Манчестер јунајтед, а во прославата му се придружија девојка му Хеорхина Родригес и седумгодишниот син Кристијано Јуниор.
Роналдо и Хеорхина, која роди девојче во ноември, разменија нежности на теренот, по што тој навести дека можеби си заминува од Мадрид.
„Беше прекрасно да се биде во Мадрид. Во наредните неколку дена ќе им ги дадам сите одговори на фановите, затоа што тие цело време ме поддржуваа. Но, мојата иднина моментално не е важна, затоа што испишавме историја“, изјави Роналдо.