КОТОН БЛУЗ ФЕСТИВАЛ 7: ШОУ НА АРТУР МЕНЕЗЕС И ХРАБРО ДЕБИ НА 11-ГОДИШНИОТ ТЕОДОСИЈ ПОПОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Две вечери, пет концерти и учесници од три континенти беа содржани во седмото издание на Котон блуз фестивал во Скопје. Фестивалот овојпат не смени локација, па за првпат од своето основање се одржа на исто место две години по ред, во рок барот „Русти“. Овој простор можеби изгледа најмалку фестивалски, но логистички нуди сѐ што е потребно за фестивал со ваква големина.

Речиси секоја година, на Котон блуз има еден учесник кој прави шоу. Овојпат, тоа беше Артур Менезес (фото), бразилски гитарист кој живее во Лос Анџелес. Со имиџ на панк рокер, 41-годишниот Менезес покажа зошто своевремено го привлекол и вниманието на еден Ерик Клептон, кој го покани да свири на неговиот гитарски фестивал во Њујорк, а потоа беше дел и од турнејата „Experience Hendrix“.

Менезес имаше и потврди и помеки делници во своето свирење, а дополнително се сплоти со публиката кога се симна од бината и сврте еден круг низ местото, свирејќи им „на уво“ на дел од присутните.

Фестивалот го отвори 11-годишниот Теодосиј Поповски, кој настапи заедно со својот татко, басистот Сашо Поповски (Фото: Фејсбук/З. Петровски)

Жестината на Менезес беше уште една нијанса во разновидноста на блузот слушнат на годинашниот фестивал. Гостите од САД, „Ласт хаус“, презентираа кантри блуз, а романско-српскиот состав „Аксис“ настапи со класичен рок од 1970-тите, додека гитаристот Силвиу Дан Илиеску и басистот Дејан Котарчиќ меѓусебно се натпреваруваа со своите инструменти.

Во рамките на заложбите за промовирање на млади домашни таленти, фестивалот го отвори 11-годишниот пијанист Теодосиј Поповски, кој настапи како дел од трио, заедно со својот татко, басистот Сашо Поповски. Наспроти него беше „Гуру Харе бенд“, еден од најпознатите и најактивни македонски блуз состави.

Котон блуз фестивал продолжува да ја промовира блуз културата и да шири хуманост. Како и досега, сите собрани средства од фестивалот, вклучувајќи ја и традиционалната ликовна колонија на Игор Станоески, ќе бидат донирани на Детската клиника.

Г. КОНЕВ