Јужнокорејскиот бој бенд БТС стана првиот претставник на К-попот кој стигнал до првото место на американската топ-листа.
Тоа му успеа со албумот „Сакај се себеси: солза“, кој иако целосно отпеан на корејски јазик, се најде на врвот на топ-листата на Билборд.
Суперѕвездите на К-попот се дел од таканаречениот Корејски бран, односно на глобалниот подем на корејските музика, филмови и серии. Тие имаат широка силно посветена база на фанови, кои се нарекуваат себеси Армија. Познати по раскошна кореографија на сцената и убав детски изглед, седумчлената група е еден од најдобрите извозни музички производи на Јужна Кореја.
БТС се основани во 2013 година и ја освоија светската публика со мешавина од поп, аренби и хип хоп. Денес имаат над 10 милиони фанови и следбеници на социјалните мрежи.
Иако не пеат на англиски, тие веќе настапуваа во САД, а наскоро тргнуваат на светска турнеја, при што сите 14 концерти во Северна Америка им се однапред распродадени.