Софтверската компанија „СплешДата“ ја објави листата со 25 најлоши лозинки за 2018 година, меѓу кои за првпат се појавува „доналд“.

Веќе стандардно најлошите пасворди како „123456“ и „password“ и годинава се на првите две места, но изненадување е појавувањето на лозинката „доналд“. Не „трамп“ или „трамп1“, туку само „доналд“.

На списокот се и лозинки како „чарли“, „аа123456“, „666666“, „принцеза“ и, најнекреативната меѓу нив, „111111“.

Директорот на „СплешДата“, Морган Слеин, вели дека имиња на славни личности, спортски клубови и ознаки од поп културата често се наоѓаат меѓу шифрите, што го олеснува пробивот на хакерите.

„Извинете господине претседател, но ова не се лажни вести. Користењето на вашето име како лозинка е опасна одлука“, вели Слеин.