Епл е фаза на финализирање на договорот за купување на Шазам, апликација која што овозможува препознавање песни, филмови и ТВ серии, според „ТекКранч“. Технолошкиот гигант ќе плати 400 милиони долари за апликацијата, објави „Рикоуд“.
За Епл, очигледната корист од купувањето на Шазам е технологијата за препознавање музика и други звуци. Исто така, производителот на ајфон ќе заштеди на провизиите што сега му ги плаќа на Шазам за корисниците што ги упатува на сервисот на Епл за дигитална продажба на музика.
Дополнителна корист за Епл е што, ако реши да ја укине апликацијата, ќе им наштети на ривалските сервиси за стримување музика, како Спотифај и Гугл Плеј Мјузик, биејќи Шазам таму испраќа околу еден милион кликови дневно.
Сепак, вистинската корист за Епл може да дојде од технологијата на Шазам за аугментирана реалност. Претходно годинава, Шазам лансираше таква платформа за брендови, користејќи ја својата технологија за визуелно препознавање. Технологијата им овозможува на корисниците да скенираат магазини, книги, постери, реклами и други продукти и потоа да прикажува 3Д анимации и видеа за визуелизација на скенираните производи.
Со над една милијарда симнувања, Шазам е една од најпопуларните апликации на пазарот, но компанијата имаше приходи од само 54 милиони долари во 2016 година со загуба од 5,3 милиони долари.