ГИ СЛЕДИМЕ СИТЕ „АЈФОНИ“ УКРАДЕНИ НА ПРОТЕСТИТЕ, ВЕЛАТ ОД „ЕПЛ“

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

„Епл“ им испрати јасна порака на оние кои во изминатите денови крадеа „ајфони“ за време на протестите низ САД дека се следени.

Компанијата вели дека ги деактивира сите „ајфони“ што беа украдени од нејзините продавници, со што тие стануваат неупотребливи.

„Ве молиме, вратете го ‘ајфонот‘ во најблиската продавница! Уредите се деактивирани и се следат. Ќе бидат известени и локалните власти“, објави „Епл“ на својот профил на Твитер.

Откако неколку месеци беа затворени поради коронавирусот, продавниците на „Епл“ неодамна повторно почнаа со работа и компанијата пријави дека тие биле кршени и ограбени на неколку локации, како во Њујорк, Вашингтон и Филаделфија.

Протестите против полициска бруталност и расизам се одржуваат низ САД повеќе од една недела и често беа засенувани од грабежи и палежи.