„ХУАВЕИ“ ЌЕ ГИ ПРЕФРЛИ ТЕЛЕФОНИТЕ НА СВОЈОТ НОВ ОПЕРАТИВЕН СИСТЕМ ХАРМОНИ

Пекинг, (Би-Би-Си)

„Хуавеи“ објави дека од следната година ќе го вградува сопствениот оперативен систем Хармони во своите смартфони, додавајќи дека ќе го понуди софтверот и на други производители како алтернатива на Андроид.

Кинеската компанија е вториот најпродаван производител на телефони на светот откако за кратко беше и на првото место, пред „Самсунг“ и ова е нејзиниот обид да ја наруши доминацијата на „Гугл“ и „Епл“, во што другите имаат потфрлено. Андроид на „Гугл“ бил вграден во 85,4% смартфони испорачани минатата година, додека iOS на „Епл“ ги покрива останатите 14,6%.

„Хуавеи“ е принуден на ваков потег бидејќи веќе не може да ги користи апликациите и услугите на „Гугл“ на своите уреди поради трговската забрана од САД. Ова не го погоди „Хуавеи“ во Кина, каде што услугите на „Гугл“ и онака се блокирани, но тие се популарни во останатите држави, што влијаеше врз продажбата.

Оригиналната верзија на Хармони беше претставена пред една година, а новата верзија 2.0 ќе биде лансирана во октомври 2021.