„ХУАВЕИ“ ГО ПРЕТСТАВИ СВОЈОТ ПРВ АВТОМОБИЛ

Шангај, (Мотор1)

„Хуавеи“ е препознатлива во светот како компанија за телекомуникациска опрема и електронски уреди, но таа сега стапна на сосема нова територија и на автосаемот во Шангај го претстави својот прв автомобил.

Електричниот кросовер „СФ5“ е развиен во соработка со компанијата „Сајрус“ и ќе се продава под бренд името „Серес“. Тој засега ќе биде понуден само на кинескиот пазар по цена од 27.700 евра.

Според мерките, „СФ5“ е сличен со „ауди кју-5“, а под хаубата има 1,5-литарски бензински мотор, кој служи како генератор за полнење на батериите. Двата погонски електромотора имаат вкупно 551 коњска сила и овозможуваат забрзување до 100 км/час за 4,7 секунди. Со едно полнење, автомобилот може да помине 180 километри, а над 1.000 со помош на погонскиот генератор.