ИЛЈАДНИЦИ УМЕТНИЦИ БАРААТ ДА СЕ ОТКАЖЕ ПРВАТА АУКЦИЈА НА ДЕЛА СОЗДАДЕНИ СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА

Њујорк, (Гардијан)

Илјадници уметници ја повикаа аукциската куќа „Кристис“ да ја откаже продажбата на дела создадени со вештачка интелигенција (ВИ), тврдејќи дека технологијата што стои зад нив врши масовна кражба. „Кристис“ ја опиша аукцијата како прва продажба на ВИ дела од голема аукциска куќа, а ќе содржи 20 творби чии цени се движат од 10.000 до 250.000 долари.

Петицијата со која се бара откажување на изложбата досега собра 3.000 потписи. Таа треба да се одржи на 20 февруари.

„Многу од делата што планирате да ги продавате се создадени од ВИ модели кои се тренирани да копираат дела без дозвола. Овие модели и компаниите што стојат зад нив ги искористуваат уметниците и ги користат нивните дела беа дозвола или компензација за да создадат комерцијални ВИ производи“, стои во писмото до „Кристис“.

Портпарол на „Кристис“ кажа дека во повеќето случаи вештачката интелигенција што се користела за создавање на овие дела била обучена со сопствен придонес на уметниците.

„Сите уметници претставени на оваа продажба имаат силни мултидисциплинарни уметнички практики и некои се застапени во водечките музејски колекции. Тие ја користеле вештачката интелигенција за подобрување на нивните дела и во повеќето случаи вештачката интелигенција се користела на контролиран начин, со податоци обучени од самите уметници“, рече портпаролот.

(Фото: Кристис)