ИЛОН МАСК ГО ДОБИ ОБЛОГОТ, НАЈГОЛЕМАТА БАТЕРИЈА НА СВЕТОТ ПОЧНА ДА ДИСТРИБУИРА СТРУЈА

Мелбурн, (Би-Би-Си)

Најголемата литиум-јонска батерија на светот денеска и официјално беше активирана и почна да дистрибуира струја низ електричната мрежа во Јужна Австралија.

Сто мегаватната батерија, изградена од „Тесла“, треба да го реши проблемот со електричната енергија во овој дел од континентот.

Сопственикот на компанијата, Илон Маск, со тоа го исполни ветувањето дека ќе ја изгради батеријата во рок од 100 дена.

„Овдека се создава историја. Батеријата ќе го спречи повторувањето на инцидентите какви што се случија лани, кога во целиот регион снема струја“, кажа премиерот на Јужна Австралија, Џеј Ведерхил.

Маск ја опиша батеријата како трипати помоќна од следната најголема светска батерија.

Тој ја разви оваа идеја, откако на Твитер беше запрашан дали бил сериозен кога рекол дека ќе го реши проблемот со електрична енергија во Јужна Австралија.

„Ако не ја изградам батеријата за 100 дена, државата ќе добива бесплатна струја од мене“, одговори Маск.

Одбројувањето почна на 30 септември и планот беше одобрен од локалните власти. „Тесла“ ја заврши целата работа за само 60 дена.

Таа се наоѓа во близина на Џејмстаун, 200 километри северно од Аделејд и кога е целосно полна, може да снабдува 30.000 домови со струја еден час.