ИНСТАГРАМ НЕ Е САМО ЗА УБАВИ СЛИКИ, ТУКУ И ДА ИМ ПОМАГА НА ЛУЃЕТО, ВЕЛИ ГЕРМАНСКАТА НОВИНАРКА ЛАМЕРТ ПРЕД ИСТРАЖУВАЧКИОТ ФЕСТИВАЛ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Верена Ламерт, уредничка во германската радиотелевизија WDR, ќе биде дел од 3. Истражувачки филмски фестивал, што ќе се одржува во Скопје од 31 октомври до 2 ноември. Организатор е Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, со поддршка на ФЕС-Скопје, од каде велат дека годинашниот фестивал од различни аспекти ја разгледува позицијата на медиумите во дигиталната ера.

Ламерт во 2017 го креирала наградуваниот Инстаграм канал @maedelsabende (женски вечери), специјална програма наменета за млада, женска публика. Нејзиниот новинарски фокус е насочен кон социјални медиуми, документаристика и теми поврзани со состојбата на женските права.

Принтскрин од Инстаграм каналот @maedelsabende

Ламерт за СМАРТ СДК.МК вели дека пред две години работела како новинарка за ТВ-магазин за жени, но имале проблем со привлекување на помлада публика.

„Мојата идеја беше да допрам до младите жени преку Инстаграм. Составив тим од три млади водителки и ние четирите развивме специјален тип на раскажување приказни за Инстаграм. Денес во нашиот тим има речиси 20 новинари, кои ја креираат содржината на каналот“, вели Ламерт.

Бројката на следбеници и публика на каналот брзо растела. Првата мисла што на сите им доаѓа за Инстаграм, вели таа, се убави фотографии, убави места, фотографии од патувања, огласи и маркетинг на инфлуенсери.

„Ние се обидовме да понудиме нешто поинакво, повредно во овој свет на социјални медиуми, во поглед на статустот на жените и женските права. Нашата публика е навистина отворена во размислувањата и сака да разговара за секој агол од наведените теми. Се обидуваме да создадеме безбеден простор, каде луѓето ќе можат да разговараат за нивните проблеми со заедницата“, додава уредничката.

За тоа како функционира каналот, Ламерт вели дека во зависност од тоа каде се поставува прашањето, дали како коментар под приказната или во директна порака, корисникот ќе добие голем број одговори за неговиот проблем.

„Мојата идеја беше да допрам до младите жени преку Инстаграм и денес во нашиот тим има речиси 20 новинари“, вели Ламерт (Фото: WDR/Fusswinkel)

„Се работи за тоа дека се нуди ориентација и им се помага на луѓето да ги решат нивните проблеми преку согледување на различни опции и перспективи. Ние ветуваме дека ќе се обидеме да одговориме на секоја директна порака, но ако некој проблем е покомплициран, го предаваме на експерти, како линии за помош или клиники“, кажа таа.

Инстаграм каналот лани добил две награди, Grimme-Online-Award и Smart Hero Award, како и повеќе номинации. Ламерт е возбудена за нејзината прва посета на Скопје. Досега патувала во Хрватска, Унгарија, Летонија, Естонија, Русија и Казахстан.

(@maedelsabende)

„Во германските медиуми Источна Европа не е честа тема, за што ми е жал и сакам да го променам тоа“, вели Ламерт.

Во рамките на фестивалот, Ламерт на 1 ноември во 16.30 часот во Кино Култура ќе одржи работилница за новинари за тоа како, пласирајќи значајни содржини, да се привлече младата публика на Инстаграм. Од 18 часот, таа ќе им се придружи на учесничките во Програмата за новинарки на ПИНА.

„Истражувањата покажуваат дека жените се значително помалку присутни на повисоките управувачки места во медиумите. Ова е една од клучните причини зошто ПИНА ја започна Програмата за новинарки, поддржана од Цивика мобилитас“, велат од ПИНА.

„КОН ДИГИТАЛНОТО“ ВО ФОКУСОТ НА 3. ИСТРАЖУВАЧКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

Б. НЕСТОРОСКА