„Кон дигиталното“ е темата на третото издание на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, што од 31 октомври до 2 ноември ќе се одржи во Кино Култура. Влезот за сите настани е бесплатен.

Организатор е Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА, со поддршка на ФЕС-Скопје, од каде велат дека годинешниот фестивал од различни аспекти ја разгледува позицијата на медиумите во дигиталната ера.

„Со интерактивната содржина на третиот ИФФС, за првпат на фестивалот на посетителите им се нуди увид во виртуелната реалност. Во холот на Кино Култура со помош на ВР очила гостите ќе имаат прилика одблизу да ги доживеат документарните приказни на иновативното студио ‘Контраст’ од дигиталниот оддел на ‘Ал Џезира’. Ќе погледнеме како тие успеваат да го насочат вниманието на јавноста кон состојбата на бегалците и заштитата на човековите права. Овој дел од програмата на фестивалот е поддржан од УНХЦР Скопје“, велат од ПИНА.

Третото издание на ИФФС ќе го отвори новинарката Ана Зафирова со панел дискусија посветена на борбата за опстанок и интегритет на новинарството во светот на социјалните медиуми, по што ќе биде прикажан докуменарецот „Големиот упад“. За предизвиците со кои се соочуваат медиумите денес, како и насоките во кои може да се исползуваат иновативните алатки, Зафирова ќе разговара со Марија Фернанда Лаурет од Контраст и Ана Јакимовска, докторка на науки од областа на вештачка интелгиенција, која има работено во престижни британски медиуми како „Гардијан“, „Скај њуз“, „Би-Би-Си“ и „Канал 4“.

На ИФФС ќе се зборува и за новите дистрибутивни модели преку видео он деманд платформите, за користење блокчејн технологија во онлајн медиумите, за правото на приватност и заштита на податоци на Интернет, за иницијативите за неформално новинарско образование за млади новинари, како и за прекугранични соработки на новинари од земјава и соседна Грција, како и за актуелните домашни теми.

Филмската програма на ИФФС опфаќа повеќе документарци како за децентрализиран интернет, модерирање на содржините што се шират по социјалните медиуми, за онлајн закани кон новинарки, за ширењето на десничарска пропаганда во Европа за иновативниот истражувачки колектив Белингкет. Годинава за првпат ќе се прикаже и игран филм, драмата „Официјални тајни“ заснована на вистински случувања со Кира Најтли во главната улога.