„Мајкрософт“ објави дека следната година и официјално ќе го згасне Интернет експлорер, пребарувачот што го создаде пред 26 години и кој денес главно е напуштен откако корисниците се префрлија на конкурентските пребарувачи Хром на „Гугл“ и Сафари на „Епл“.
„Објавуваме дека иднината на Интернет експлорер во Виндоус 10 е во Мајкрософт Еџ, кој е побрз, побезбеден и далеку помодерен пребарувач од својот претходник“, кажа компанијата.
Легендарниот пребарувач што го прегази времето беше лансиран со Виндоус 95, а ќе престане да има поддршка во Виндоус 10 после 15 јуни 2022. Компанијата веќе со години го згаснува овој пребарувач, што во 2019 го користеле само 8% од луѓето. Сајтовите и апликациите засновани на Интернет експлорер ќе продолжат да работат со Еџ најмалку до 2029 година.
Лансиран во 1995 година, Интернет експлорер своевремено беше најпопуларниот интернет пребарувач, покривајќи 95% од пазарот во 2003. Сепак, неговото користење беше во постојан пад од 2010 година, кога приматот почнаа да го преземаат далеку побрзите пребарувачи Фајрфокс и Хром.