СО „МОЛИТВА ПО ДОСТОЕВСКИ“ ПУБЛИКАТА СЕ ВРАЌА ВО БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Поврзаноста на генијалниот руски писател Достоевски со тајниот круг на Петрашевски, кои прво беа осудени на смрт, а потоа помилувани и испратени во Сибир, е накратко приказната која ги инспирираше битолските театарџии да ја подготват новата премиера „Молитва по Достоевски“.

Претставата е колаж од делови од романи на Достоевски, што на сцена ќе ги донесат актерите Огнен Дранговски и Катерина Аневска Дранговска, испреплетен со музички преработка на делата на Висоцки и Окуџава во изведба на „Фолтин“. Идеен творец на претставата е Валентин Светозарев, а премиерно ќе се изведе вечерва од 20 часот во Народниот театар во Битола пред ограничен број на публика.

„На 23 години, Достоевски го напишал својот прв роман ‘Бедни луѓе’ и станал новиот Гогољ. Но, го интересирале и политички случувања и се зачленил во едно политичко-интелектуално друштво. Некој го издал движењето и 23-ца Петрашевци биле осудени на смрт со стрелање. Тука почнува нашата претстава. На денот кога треба да бидат стрелани, тие се помилувани и испратени во Сибир. Во нашата приказна, тие се на едно место наречено Катарга, поминуваат пет години и им дозволуваат да направат концерт. Она што вие ќе го гледате е тој концерт“, рече Светозарев.

Со оваа премиера, публиката ќе се врати во Театарот во Битола по пауза од три месеци.

„Со пандемијата сигурно се изгубија континуитетот и кондицијата. Но, кога ќе завршиме со премиерата, ќе почнеме да ги враќаме и претходните претстави. Ќе се доработат одложените премиери, а секако и претставите кои се одиграа еднаш или само неколку пати. Сѐ повеќе луѓе од ансамблот ќе се вакцинираат и се надеваме дека ќе можеме да продолжиме со понормално темпо“, рече Иван Јерчиќ, директорот на Народен театар Битола.

Со оваа претстава, подготвена од сопствени средства, Театарот се вклучува во одбележувањето на 200 години од раѓањето на Достоевски.

Ж. ЗДРАВКОВСКА