КИНЕЗИТЕ ПРАВАТ СВАДБИ ОНЛАЈН ПРЕД 100.000 ЛУЃЕ

Пекинг, (АФП)

Кина излезе од највисокото ниво на вонредна состојба поради коронавирусот и полека почнува да се враќа во нормалниот живот, но големи прослави и собири и натаму се забранети, а тоа се однесува и на свадбите.

Ма Џијалун и Џанг Јитонг повторно се споиле само ден пред нивната планирана венчавка во источниот град Хангџу, откако претходно, три месеци биле разделени поради карантинот. Затоа решиле својот голем ден да го пренесуваат на интернет.

Нивната венчавка во живо била следена од 100.000 странци преку видеоплатформата Билибили, при што голем дел од нив оставале коментари и виртуелни подароци и парички. Во реалноста, на свечениот чин присуствувале едвај десетина луѓе.

„Сакавме да направиме нешто значајно во времето на епидемијата. Убаво е кога можеш да ја споделиш својата среќа со повеќе луѓе, дури и ако не ги знаеш“, изјави Ма.