ЛАПТОП ЗАРАЗЕН СО ШЕСТЕ НАЈОПАСНИ ВИРУСИ ПРОДАДЕН ЗА 1,3 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Њујорк, (Верџ)

Стар лаптоп заразен со шест од најопасните типови компјутерски вируси се продаде на аукција во Њујорк за 1,345 милиони долари.

Станува збор за дело на интернет уметникот Гуо О Донг, направено на барање на компанијата за сајбербезбедност „Дип инстинкт“. Со помош на инженери, Донг ги инсталирал шесте вируси во лаптоп на „Самсунг“ од 2008 година, за да го добие делото насловено „Упорноста на хаосот“. Тој ги избрал вирусите врз основа на обемот на финансиската штета што секој од нив ја има направено, вклучувајќи го „WannaCry“, што беше употребен во сајбернападот во 2017 година, кога биле заразени повеќе од 200.000 компјутери во 150 земји.

Сè додека лаптопот останува неповрзан на интернет, коктелот вируси не може да се прошири.

„Лаптопот е каталог на историски закани. Сакав да создадам физички облик на најлошите сајберзакани. Ние си мислиме дека нештата што се случуваат во компјутери не можат да влијаат врз нас, но тоа е апсурдно. Овие вируси директно можат да нè погодат сите нас“, вели Донг за своето дело.

„Дип инстинкт“ проценува дека шесте вируси заедно можат да предизвикаат штета од 95 милиони долари.