Првиот хотел во облик на гитара на светот ќе биде отворен во Флорида оваа есен. Тој е дел од проектот вреден 2,2 милијарди долари, кој предвидува проширување на два хотела од синџирот „Хард рок“, што се наоѓаат во градовите Холивуд и Тампа.

Висок 121 метар, хотелот во Холивуд официјално се отвора на 24 октомври, кога ќе настапи „Марун 5“, а резервирањето на собите почнува од 24 јули.

Во салата „Хард рок лајв“ годишно ќе се одржуваат 100 концерти

„Брендот ‘Хард рок‘ денес е посилен од кога било. Тој претставува многу повеќе од пиење, јадење и место за престој“, изјави претседателот на „Хард рок интернешнал“, Џим Ален.

Музичкиот елемент е она што во голема мера ги дефинира „Хард рок“ хотелите и овој во Холивуд нема да биде исклучок. Во салата „Хард рок лајв“ се вложени 125 милиони долари и предвидено е тука да се одржуваат околу 100 концерти годишно, но таа ќе биде погодна и за боксерски мечеви, театарски содржини и за церемонии на доделување награди.

„Имотот ќе вклучува и дневен базен, чија клупска атмосфера ќе може да им парира на сите вакви забави во Лас Вегас, а вилите потопени во вода на гостите ќе им овозможуваат ултимативен луксуз и искуство на Бора Бора“, најавува Ален, не откривајќи ги цените.

Во рамките на имотот ќе има и големо казино, 14 ресторани и други содржини.