НАДАЛ И МАРЕЈ ЌЕ ИГРААТ НА ВИРТУЕЛЕН ТЕНИСКИ ТУРНИР

Мадрид, (АП)

Рафаел Надал и Енди Мареј се меѓу 12-те играчи кои го потврдија учеството на првиот виртуелен тениски турнир, Отворено првенство на Мадрид, што ќе се игра овој месец.

Давид Гофан, Џон Изнер, Карен Хачанов, Јуџини Бушар, Кристина Младеновиќ и Кики Бертенс исто така ќе играат од дома. Ова онлајн натпреварување ќе се одржи од 27 до 30 април и се очекува да биде пренесувано на телевизиски канали и социјални мрежи.

Машкиот и женскиот турнир ќе имаат награден фонд од по 150.000 евра, а победниците ќе одлучат колку пари ќе донираат на тенисери кои се соочуваат со финансиски проблеми поради тоа што сезоната е во прекин. Се очекува двата турнира да имаат по 16 учесници.

Мадрид опен е еден од 30-ина професионални тениски турнири кои се откажани или одложени досега поради пандемијата на коронавирусот. Сезоната беше прекината на крајот на февруари и може да продолжи најрано во јули.