НАЈМЛАДИОТ МИЛИЈАРДЕР НА СВЕТОТ ИМА 27 ГОДИНИ И НЕ ОДЕЛ НА ФАКУЛТЕТ

Сан Франциско, (Би-Би-Си)

Џон Колисон вели дека не се чувствува најпријатно со својата импресивна титула: со 27 години, тој е најмладиот милијардер на светот.

Младиот Ирец е самоуверен бизнис лидер и одличен комуникатор, но ако го прашате колку е богат, се забележува колку му е чудно тоа.

„Луѓето често ме прашуваат за тоа, колку ми се сменил животот и веројатно очекуваат интересни одговори, но немам што да им кажам. Не собирам јахти и Фаберже јајца. Во слободно време најмногу сакам да трчам“, вели Колисон.

Џон и неговиот две години постар брат Патрик се основачи и сопственици на „Страјп“, софтверска компанија за која многумина немаат ни слушнато, но таа ги направи прв и трет најмлад милијардер на светот (меѓу нив се вмеша 27-годишниот коосновач на социјалната мрежа Снепчет, Еван Шпигел).

Основана во 2011 година, „Страјп“ не е светски позната компанија, бидејќи не продава ништо што луѓе би можеле да купат. Место тоа, нејзиниот софтверски систем им помага на компаниите полесно да плаќаат онлајн и да ги водат своите интернет страници.

„Со ‘Страјп‘ почнавме на ист начин како и други луѓе кои излегоа со слични идеи. Се запрашавме што е потребно да се почне онлајн бизнис и сфативме дека е најтешко да ги натераш луѓето да плаќаат преку интернет. Се сеќавам дека му реков на Патрик ‘ајде да пробаме‘“, вели Џон Колисон.

„Страјп“ денес има 100.000 муштерии, а вредноста на компанијата порасна на 9,2 милијарди долари.

Тоа значи дека, според магазинот „Форбс“, секој од браќата Колисон вреди најмалку по 1,1 милијарда долари. Не е лошо за браќа кои пораснале во мало село во Ирска и кои се откажале од факултет, затоа што пред да почнат со студирањето во САД, тие веќе станаа милијардери.