НОВА АПЛИКАЦИЈА ИМ КАЖУВА НА ПЕШАЦИТЕ ВО БАРСЕЛОНА КАДЕ ИМА НАЈМНОГУ СЕНКИ

Барселона, (Гардијан)

Нова апликација ги насочува жителите на Барселона да одат по патеката со најмногу сенки за да ја избегнат градската жештина кога се движат од едно до друго место.

Cool Walks е алатка наменета за пешаци, која на корисниците им покажува опции за движење до предвидената дестинација. Тие можат да ги изберат најдиректната маршрута, маршрутата со најмногу сенки која е малку подолга и „вампирскиот режим“, на која се избегнува директното сонце по секоја цена. Преку апликацијата можат да се лоцираат и фонтани за пиење вода и места за засолнување од сонцето.

Апликацијата ја користи алатката наречена лидар, која создава модели на елевација на теренот во висока резолуција, прецизна до 10 сантиметри.

Барселона се обидува да ги ублажи последиците на глобалното затоплување преку зелени површини и дрвја. Дваесетгодишниот план предвидува зголемување на земјиштето покриено со дрвја од 25% на 30%.