„Хуавеи“ не дозволува откажувањето на Светскиот конгрес за мобилност да му ги поремети плановите за 2020 и на 26 март во Париз ќе ги претстави своите најнови смартфони: „П40“ и „П40 про“.
Како и неговиот претходник „П30“, и „П40“ нема да ги содржи услугите на „Гугл“, ниту ќе ја има полната моќ на оперативниот систем „Гугл Андроид“, туку корисниците ќе ги симнуваат апликациите преку заменската галерија апликации на „Хуавеи“.
Компанијата планира целосно да се ослободи од зависноста од „Гугл“, па заедно со „Шјаоми“, „Опо“ и „Виво“ развива конкурент на „Гугл плеј стор“ наречен „Global Developer Service Alliance“, што треба да биде лансиран овој месец.
Според најавите, „П40 про“ ќе биде прв телефон на светот со оптички зум х10, а неговата задна камера ќе има 52 мегапиксели, десет повеќе од претходникот. Севкупно, тој треба да има дури седум камери. Се очекува серијата „П40“ да поддржува 5Г.