ОСУМГОДИШНО МОМЧЕ СТАНА ПРОФЕСИОНАЛЕН ГЕЈМЕР, НО ЗАСЕГА НЕ СМЕЕ ДА ИГРА ЗА ПАРИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Џозеф Дин стана професионален гејмер на осумгодишна возраст, откако потпиша договор со екипата Тим 33 од Калифорнија. Тој е најмладиот платен играч на „Фортнајт“ на светот и за потпишувањето на договорот доби бонус од 33.000 долари и компјутерски систем со голема брзина.

Се чувствував неверојатно кога ми беше понуден договор. Многу сакав да станам професионален гејмер, но никој не ме сфаќаше сериозно сѐ додека не ми пристапи Тим 33“, вели Дин.

Фортнајт“ е една од најпопуларните видеоигри на светот, што онлајн ја играат стотици милиони луѓе. Дин е навлечен на играта од четиригодишна возраст и првпат бил забележан од Тим 33 пред 18 месеци.

Еден од скаутите ми се јави и ми кажа дека мора да запознаам едно момче кое се вика Џозеф, зашто е лудо добар. Ми кажа дека мора да потпишеме со него пред некој друг да го земе“, изјави коосновачот и извршен шеф на Тим 33, Тајлер Галагер.

Само двајца од десетте најплатени играчи на „Фортнајт“ имаат над 18 години. Победник на првото светско првенство беше тогаш 16-годишниот Кајл Буга Гирсдорф, за што освои три милиони долари.

Иако играта е наменета за лица над 12 години, мајката на Дин вели дека тоа не ја загрижува.

Му дозволувам да игра три-четири часа на ден после училиште, а за викенди, и подолго. Ја видов играта и мислам дека не правиме ништо погрешно“, вели таа.

Поради возраста, Џозеф засега смее да игра само на турнири на кои што нема парични награди.

Според Гинисова книга на рекорди, најмладиот професионален гејмер во историјата е Виктор Де Леон, кој имал седум години кога потпишал договор во 2005.