ПО 57.000 ТВИТОВИ ЗА 12 ГОДИНИ, ТВИТЕР ГО УКИНА ПРОФИЛОТ НА ТРАМП, ТОЈ КАЖА ДЕКА ЌЕ ОТВОРИ СВОЈА ПЛАТФОРМА

Њујорк, (АП)

На десетина дена до истекувањето на неговиот мандат, Доналд Трамп се најде целосно изолиран од социјалните мрежи, откако Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Твич му ги суспендираа профилите поради загриженоста дека негови објави би можеле да поттикнат нови насилства.

@realDonaldTrump со години беше еден од најактивните профили на Твитер, како што Трамп ја увиде моќта на социјалните мрежи како ретко кој политичар.

Тој се појави на Твитер пред неполни 12 години, објавувајќи го првиот твит на 4 мај 2009, кога го промовираше своето гостување во шоуто на Дејвид Летерман. Профилот згасна повеќе од 57.000 твитови подоцна, откако во изминатите години го користеше главно за напаѓање и навредување политички ривали и јавни личности, ширење лажни вести и говор на омраза, демантирање медиумски информации… Во последниот месец на платформата, дури 471 негов твит беше означен како дезинформација.

Во деновите кога особено беше под притисок, како среде сослушувањето за отповикување, тој објавуваше над 100 твитови. Најпопуларниот твит го имаше на 2 октомври 2020, кога соопшти дека е позитивен на коронавирус. Постот доби 1,8 лајкови и беше споделен речиси 400.000 пати.

Трамп порача дека ова не е неговиот последен збор на социјалните мрежи.

Ќе изградиме наша сопствена платформа во блиска иднина. Нема да бидеме замолчени“, изјави Трамп.