Вечерва во 20.30 часот, во Кино Култура ќе биде промовирана книгата „Урбани легенди“ од новинарот, фотограф и преведувач Васко Марковски, во издание на „Бегемот“.

Книгата содржи приказни за 50-ина урбани легенди, главно од Скопје, но и од Охрид, Струга и Битола и хронолошки опфаќа период од педесетина години, од скопскиот земјотрес во 1963 година, па до денес. Текстовите се објавувани во неделникот „Форум“ од 2010 до 2011 година.

Марковски, кој последниве години работи како туристички водич, во книгата пишува за „Зи-Зи (топ)“, „Ван Гог“, „Круг“, „Сабвеј“, Сале Арарат, Зоки Панкер („Балет“), Роки, Силва и Ѓоко, Соња Андерграунд, Деко, Панде (МКЦ), Миле и Драги („Пони“ и „Браво“) , Реџеп Пампур Ружниот, Рокабилите, Ситна, „Океан Пацифик“, Замокот во Црниче, Коцка…

„Книгата е спој на сето она што го сакам: патеписи, приказни, фотографија и патување“, вели Марковски.

Промоцијата е дел од завршната вечер од книжевниот фестивал „Арт Ареа 2“, во организација на издавачката куќа „Бегемот“.