РОБОТСКО КУЧЕ Е ИДЕАЛЕН ДРУГАР НА ОНИЕ КОИ СТРАДААТ ОД ДЕМЕНЦИЈА

Њујорк, (Би-Би-Си)

Роботското куче Џени е најновиот технолошки производ кој има за цел да го подобри животот на некои од најранливите категории: осамени стари луѓе и оние кои страдаат од деменција.

Кучето е опремено со сензори и гласовни контроли за интеракција со луѓето, а неговото однесување преку телефонска апликација може да се прилагодува на индивидуалните потреби на секој пациент.

Џени моментално се користи како дел од терапија со живи животни наменета за луѓе со деменција, кои често страдаат од осаменост поради природата на својата болест, која вклучува губење на меморија, тешкотии при регулирање емоции и општо ментално пропаѓање.

„Терапијата со живи животни помага во смирувањето на однесувањето и на психолошките симптоми. Со роботски животни, важно е поврзаноста да се постигне уште во рана фаза на болеста, за подоцна, кога состојбата ќе се влоши, животното да биде нешто во што пациентот ќе пронајде удобност“, вели Том Стивенс, извршниот директор на „ТомБот“, која го создаде Џени.

Џени може да лае, мавта со опашката и да мрда со очите и устата и не бара внимание како вистинско куче, што е олеснување за болните од деменција.