САМСУНГ ПЛАНИРА ДА ПРОДАДЕ 320 МИЛИОНИ СМАРТФОНИ ГОДИНАВА

Сеул, (Инвестор)

Самсунг ќе игра на сигурно годинава, задржувајќи ги проекциите за продажба на ниво од минатата година – околу 320 милиони смартфони, според експерти од индустријата. Корејскиот технолошки гигант ги информирал своите добавувачи дека планира да продаде 320 милиони смартфони, 40 милиони обични телефони, 20 милиони таблети и 5 милиони паметни часовници.

Изворите велат дека конзервативнитe бројки се должат на презаситениот пазар, но и покрај тоа, ваквите бројки се најголеми меѓу ривалите, со оглед на тоа што Епл и Хуавеи продаваат по 200 и 150 милиони смартфони годишно.

Не се очекува зголемена продажба на Самсунг и во наредните години, а корејската компанија ќе се обиде да ја зголеми профитабилноста со премиум модели, вклучувајќи ги најскапите Галакси С и Ноут, како и нов смартфон на превиткување.